Хибриден ИT

Поимот “хибриден ИТ” станува популарен и возможен со појавата на надворешни обезбедувачи на ИТ услуги во последнава декада, а особено последниве години со појавата на тн. Cloud услуги. Наједноставно кажано, хибриден ИТ е пристап кон обезбедувањето на ИТ услугите во една компанија преку одбирање на најсоодветните и најекономичните решенија, при тоа користејќи ги сите внатрешни и надворешни опции за потребите од ИТ за организацијата. Наједноставен и најшироко прифатен пример за ова е електронската пошта и хостирањето на веб страните: најголем број фирми користат надворешен давател на овие услуги, иако имаат и сопствени ресурси кои би можеле да ги обезбедуваат овие услуги.

 

Економски фактори

Главниот двигател на “хибридизацијата” на ИТ е економската исплатливост: инфраструктурата чини многу, а периодот на амортизација е краток. Покрај тоа, одржувањето на сопствена систем-сала, мрежна инфраструктура, безбедност и деловен простор е значителен додатен трошок, покрај самите сервери и апликации кои му се директно потребни на бизнисот. Една од главните расходни ставки за секоја компанија е токму ИТ, и затоа фирмите се’ почесто се решаваат за користење на надворешни добавувачи на разни ИТ услуги. 

 

Кои ИТ услуги може да се добијат од надворешни добавувачи? 

Како што веќе споменав, најчесто користени услуги се и-мејл и хостирање на веб страници. Во последно време е многу популарна и понудата на бесплатен дисковен простор на Google, DropBox, итн. 

Со развојот на нови дата центри и нови услуги, списокот на услуги постојано се проширува. Голем број софтверски компании веќе ги нудат своите решенија во формат софтвер-како-услуга (Software-as-a-Service, SaaS), така што постојат огромен број на ИТ услуги кои можете да ги добиете на овој начин. Тука спаѓаат разни решенија за сметководство, логистика, производство, па се’ до продажба на билети и други. 

Една од потребите на бизнисот е и сигурната заштита на податоците преку секојдневен бекап, или преку воспоставување на резервна локација за деловен континуитет (Disaster Recovery Location, DRL). Постојат дата центри, кои обезбедуваат вакви услуги, скроени според потребите и инфраструктурата на клиентот. Кај нив можете да добиете целосна копија на сите ваши сервери, бази на податоци и софтверски програми, со што во случај на несреќа во вашата систем-сала (бришење на податоци, дефект, пожар, прекин на ел. напојување, или елементарна непогода), можете безбедно да го продолжите работењето преку резервната локација. 

Друг вид на користење на хибридниот ИТ е преку изнајмување на оператор за дел од вашите ИТ услуги (Managed IT Services или IT Outsourcing). На пример, одредени ИТ сервиси можете да ги пренесете на надворешен оператор, поради поефтината или постабилната услуга од она што можете да си го дозволите со внатрешните ресурси. 

Уште една можност дава понудата на виртуелни сервери на кои можете да ги инсталирате програмите, без притоа да водите грижа и да правите трошоци за систем-сала, набавка на опрема, физичка и техничка заштита, итн. Оваа услуга се нарекува инфраструктура-како-услуга (Infrastructure-as-a-Service, IaaS). 

 

Сигурносни и регулаторни фактори 

Се разбира, безбедноста на податоците и континуитетот на работењето на вашата компанија останува најважен фактор при планирањето на ИТ и донесувањето на одлука за користење на хибридни сервиси. 

ИТ услугите секогаш треба да се набавуваат од фирми кои имаат воведено стандарди за безбедност, за управување со информатички услуги, но и усогласеност со законските регулативи, како нпр. Законот за заштита на лични податоци. 

 

Фокус кон сопствениот бизнис 

Користењето на хибридниот ИТ, покрај тоа што овозможува големи заштеди во работењето, ви овозможува да се фокусирате кон сопствениот бизнис и да се растоварите од секојдневните набавки и одржување на ИТ системите. Вашиот ИТ тим најдобро го познава бизнисот на компанијата, и може најмногу да направи ако го насочите кон подобрување и развој на услугите за вашите клиенти.