Преселба и консолидација на датацентар

Самиот наслов претставува ноќна мора дури и за многу искусни инженери. Иако претставува застрашувачки предизвик, миграцијата на датацентар нуди одлична можност да се подобри и преиспита постоечката ИТ инфраструктура и мрежна поврзаност. Пред да се донесе било каква одлука околу миграцијата, преселбата или консолидацијата потребна е добра анализа за тоа која е целта на миграцијата, и нејзината исплатливост. Кога зборувам за исплатливост не мислам само на потрошено време или евентуална набавка на нова опрема, туку дали и колку евентулните прекини на сервисите би имале удел во работењето на компанијата, или компаниите кои користат услуги во датацентарот кој треба да се консолидира.

 

Зошто миграција?


Постојат многу фактори кои налагаат преселба, миграција и консолидација на постечки датацентри. Би издвоил неколку, како преселба поради подобрување на енергетска ефикасност, намалување на оперативни трошоци, недостиг на физички простор, консолидација на активна и пасивна опрема, нови трендови и технологии и други.

Што треба да се земе во предвид пред да се започне со миграцијата?


Откако менаџментот ќе донесе одлука за преселба и миграција на датацентарот потребно е да се направи добра стратегија и да се најде баланс помеѓу минимален прекин на сервисите и комплетна набавка на нова опрема. Значи, во ситуација кога постоечката опрема би се преселувала на новата локација и истата повторно би се користела, невозможно е целата операција да се направи без прекин на сервисите. Во случај кога проектот (финансиите) дозволува обнова на дел од опремата или комплетна замена со нова, веќе можеме да калкулираме со планирани и непланирани времиња на прекин на критичните сервиси и нивно сведување на минимум.

Најдобар случај е кога датацентарот има своја сопствена DR (disaster recovery) Локација. Тогаш скоро и да не постои никаков ризик за прекин на сервисите бидејќи само би се реализирал DR планот кој задолжително постои и не сме оптеретени со никакви временски рамки.

Во било кој друг случај критично е доброто планирање, класификација на критичноста на сервисите заедно со анализа на ризици, поставување предефинирани цели и добри тестирања. Планирањето подразбира и подготовка на Disaster recovery план.

Прва работа по завршеток на планирањето е известување на корисниците за точниот датум и време на миграција и планирано време на прекин на секој од сервисите и презентација на DR  планот.

Телекомуникации


Она што исто така е неизбежно при реализација на било кое од горните сценарија е преселба на телекомуникациските поврзувања кои постојат во датацентарот (доколку вршите преселба на нова географска локација). Ова треба да е меѓу првите точки во тек на планирањето и реализацијата на миграцијата. Кога сме кај телекомуникациските поврзувања мора да се напомене дека по функција постојат два типа на поврзувања кои се користат:

– Поврзувања кои моментално постојат во датацентарот за потребите на сервисите. Овие телекомуникации потребно е да се удвојат и да работат паралелно на двете локации пред почеток, за време на преселбата и одредено време по завршеток на целиот процес.

– Поврзувања помеѓу двете локации кои би служеле за online репликација на сервисите и евентуални копирања на бази на податоци.

Планирањето и преселбата на телекомуникациите секогаш е потребно да се обезбедат и истестираат пред било која друга активност. Без нивно добро планирање целиот процес на преселба може да доведе до тотален колапс на сите сервиси во датацентарот.

Каблирање


Следна работа која треба да се изведе пред критичниот час на преселба и префрлање на сервисите е подготовка на новиот датацентар, како и добро структурно хоризонтално и вертикално каблирање. Ова ќе помогне да се избегне хаосот од мрежни кабли кои неизбежно се создава по одреден период од работа на датацентарот. Олеснителна околност во сите досегашни активности е што не постои притисок при нивна реализација бидејќи се прават во период пред миграција. 

Откако ќе завршат активностите околу поврзувањата следува најкритичниот (најинтересниот) дел на целата оваа игра. Миграција на сервисите.

Овој дел секогаш се прави во период кога постои најмало оптоварување и кога прекинот би значел најмалку губитоци.

Како што веќе напоменав, постојат најразлични сценарија во зависност од тоа дали ќе се користи постоечката мрежна и серверска опрема односно дали и кој дел ќе биде заменет со нова опрема.

Многу ретки се случаите кога се врши комплетна замена на целата опрема, поради тоа при планирањето и реализацијата најдобро е да се користи и опремата која претходно била наменета за тестирање или опрема која била планирана како резервна во случај на испад на активната.

Во овој случај сервисите би се реплицирале на помали хардверски ресурси на кои би работеле одредено време со намалени перформанси додека се изврши физичка преселба на активната опрема. Со ова би овозможиле минимални прекини на сервисите.

Во случај кога тест опремата е недоволна за хостирање на сите сервиси, би се извршила репликација само на најкритичните, додека останатите ќе претрпат неизбежен прекин.

Сето ова секако е невозможно доколку не се користат начини за виертуелизацијата и online репликација, што само по себе претставува тема за дискусија која исто така бара поширока анализа.

Следен чекор е тестирање дали сервисите работат успешно од новата локација и отклонување на евентуалните настанати пречки.

Завршна Анализа


На крај неизбежана е опсежна анализа на целата преселба и консолидација со точни времиња на прекини и воспоставувања на сервисите како и подготовка на извештаи.

Информација за авторот
Мирослав Милевски


Мирослав Милевски е инженер по информатичка технологија со долгогодишно работно искуство во проектирање и изведба на комплексни бизнис критични системи и современи дата центри. Од 2008 година е менаџер на технологии и услуги во Нет.Бит Датацентар, датацентар кој во досегашната работа има постигнато ниво на достапност од 99,995%.

Мирослав Милевски е носител на голем број сертификати од реномирани светски производители, како Cisco, HP, Microsoft и други.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.